Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку прес-конференција на членот на Централниот комитет, Валентин Манасиевски, упати остри критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Според владејачката партија, Филипче докажува дека е подготвен целосно да ја продолжи политиката на поранешниот премиер Зоран Заев, која ја оценуваат како политика на континуирано попуштање пред Софија.
Манасиевски истакна дека новиот бугарски премиер Румен Радев не е непознат фактор и дека неговите негативни ставови кон македонскиот јазик, идентитет и историја се одамна познати во јавноста. Тој предупреди дека официјална Софија нема намера да отстапи од своите условувања и ќе продолжи со притисоците и блокадите.
„Во вакви околности, кога е потребна јасна осуда и цврст став во одбраната на македонските интереси, Венко Филипче избра спротивен пат. Филипче и СДС го избраа антидржавниот, бугарски пат. Наместо да застанат на страната на Македонија, тие испраќат јасна порака дека доколку дојдат на власт, би ги спровеле уставните измени“, изјави Манасиевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ заклучуваат дека раководството на опозицијата нема проблем со откажување и тргување со најважните национални прашања, обвинувајќи ги дека тоа го прават исклучиво заради остварување на лични и финансиски интереси.


