Макрон: Трамп сфати дека Путин го излажал, се надевам дека ќе го преточи својот гнев во акција

 

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека се надева оти „гневот“ на неговиот американски колега Доналд Трамп кон Русија конечно „ќе се претвори во акција“, особено кога станува збор за закани со „масовни“ санкции меѓу САД и Европа по викендот со катастрофални руски напади врз Украина.

Американскиот претседател, кој би сакал да стави крај на војната во Украина, за својот руски колега Владимир Путин рече дека е „целосно луд“.

„Претседателот Трамп сфати дека кога претседателот Путин по телефон рече дека е подготвен за мир или кога им кажа на своите пратеници дека е подготвен за мир, всушност лажеше“, изјави Макрон пред новинарите во виетнамската престолнина Ханој.

„Во последните неколку часа повторно го видовме гневот на Доналд Трамп. Тоа е еден вид нетрпеливост и се надевам дека ќе се претвори во акција“, додаде тој.

„Во неколку наврати во минатото, американскиот лидер ги осуди нападите“, рече Макрон. „Се надевам дека негодувањето што го изрази, а кое го споделуваме со него, ќе се трансформира во способност САД, заедно со Европејците, да му се заканат на Путин со сосема поинаков и многу посериозен пакет санкции, што ќе ни овозможи да ја одвратиме Русија и конечно да го завршиме овој конфликт. Тука е во прашање кредибилитетот на САД“, рече Макрон, додавајќи дека разговарал за ова со Трамп.

Неколку европски лидери, вклучувајќи го и францускиот претседател, отпатуваа во Киев на 10 мај и, заедно со Вашингтон, ѝ поставија ултиматум на Русија веднаш да прифати прекин на огнот. Тие, исто така, се заканија со масовни санкции. Но, Москва го отфрли тоа барање, отворајќи ја вратата за директни преговори со Украина, кои досега постигнаа многу мал напредок.

Францускиот претседател во понеделникот повторно повика на обновување на ултиматумот. „Нашиот приоритет е да му дадеме рок на претседателот Путин за конечно сите да бидат убедени дека лаже кога тврди дека сака мир и дека по тој рок ќе се случи заканата од масовни санкции“, објасни тој.

Данската премиерка Мете Фредериксен се придружи на осудите на најновите руски напади врз Украина.

„Путин зборува за преговори преку ден, а ја бомбардира Украина ноќе“, изјави Фредериксен за новинарите по состанокот на нордиските лидери во Финска.

Фредериксен рече дека нордиските лидери се согласиле дека нивните земји ќе ја поддржуваат Украина онолку долго колку што е потребно, додавајќи дека поддршката може да значи воена помош, инвестиции во одбранбената индустрија на Украина и соработка со украински компании.

26.05.2025 - 17:52

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега