Ученици од повеќе градови во Хрватска кои го изучуваат македонскиот јазик по Моделот Ц учествуваа во проектот „Колаж на македонската култура – вкусови и простори на Македонија и Истра“, реализиран во Пула од 16 до 18 октомври 2026 година.

Преку заеднички активности, културни содржини и запознавање со историјата и традицијата на Пула, учениците имаа можност да го надградат своето знаење за македонскиот јазик и култура, но и да ја откријат поврзаноста меѓу македонското и истарското културно наследство.

Во рамки на програмата беа организирани посета на Пулската арена, стручна прошетка низ градот и прием во Градската палата. Активностите им овозможија на децата да учат преку непосредно искуство, дружење и размена на знаења.

Проектот го осмислија наставничките по македонски јазик Сашка Соломоновска Јаневска, Деспина Белчовска Велинска, Маја Јовановски и Милена Георгиевска, кои со својата работа придонесуваат за зачувување на македонскиот јазик и културниот идентитет кај младите генерации во дијаспората.

-Кога децата го учат јазикот, тие не учат само зборови. Тие ги запознаваат своите корени, градат самодоверба и учат дека можат да го негуваат сопствениот идентитет, а истовремено да бидат отворени кон другите култури – истакнува наставничката по македонски јазик од Пула и водителка на проектот Сашка Соломоновска Јаневска.

Проектот го реализира македонското културно друштво „Св. Кирил и Методиј“ од Пула, а кофинансиран е од Министерството за наука и образование на Република Хрватска.

-Колажот заврши, но неговата порака продолжува: јазикот се зачувува кога се зборува, се учи и со љубов се пренесува на децата – велат организаторите на проектот.

Преку ваквите иницијативи, македонскиот јазик и култура продолжуваат да се пренесуваат на младите генерации во дијаспората, поттикнувајќи ја нивната поврзаност со татковината и почитта кон културното наследство.

Exit mobile version