Македонската музичка естрада е завиена во црно по веста за смртта на Мустафа Сејфулов, кој почина на 48 години. Информацијата ја потврдија неговите најблиски, а социјалните мрежи се преплавени со емотивни пораки од колегите и пријателите кои се простија од прерано заминатиот уметник.
Сејфулов беше препознатлив како вокалист и тапанар на групата „Кавадарка“, каде остави значаен белег во македонската народна музика. Потекнуваше од познато музичко семејство – внук на легендарниот кларинетист Муто Сејфулов и син на музичарот Рамадан Сејфулов.
Во последните години од животот, Мустафа живееше и работеше во Виена, Австрија. Неговата последна песна „Големи маки имавме“ останува како негов последен музички запис во соработка со Фазли Сејфулов и Александар Ѓорчевиќ.
Покрај професионалните успеси, Мустафа ќе остане запаметен како исклучително приврзан семеен човек.
„Една од неговите последни објави, фотографија со внуката Хавин, особено ги трогна луѓето. Под фотографијата стоела кратка, но длабоко емотивна порака: ‘Мојот живот, Хавин’“, пренесуваат неговите пријатели.


