Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на пуштањето во употреба на шест целосно реконструирани операциони сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Тој најави дека ова е само прва фаза од поголем проект кој предвидува вкупно десет вакви современи објекти.

Според најавите, преостанатите четири сали се очекува да бидат готови за неколку месеци, со што ќе се заокружи модернизацијата на овој блок.

„Очекувам дека од почетокот на летото ќе имаме можност да видиме уште еден проект којшто ќе биде завршен, а тоа е во болницата ‘8 Септември’, каде што исто така ќе имаме супер модерни операциони сали и со тоа ќе бидеме практично држава број еден во регионот“, изјави Мицкоски.

Премиерот истакна дека здравството останува врвен приоритет на Владата, но призна дека се потребни темелни промени, не само во инфраструктурата, туку и во пристапот и менталитетот.

„Нашата цел е да решаваме проблем по проблем. За тоа треба време, не може да се среди сѐ и веднаш, но ресурсите ги насочуваме таму каде што е најпотребно за заштита на здравјето на граѓаните“, додаде тој.

Exit mobile version