Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција го актуелизираше случајот со аудио снимките во кои бизнисменот Миодраг Давидовиќ Дака разговара со посредникот Зоран Милески Кичеец. Според партијата, постојат сериозни индиции дека поранешниот премиер Зоран Заев бил подмитен со 4 милиони евра за промена на Деталниот урбанистички план (ДУП) во Тетово.
Петрушевски посочи дека според снимките, за возврат на оваа сума требало да се овозможи изградба на комплекс со околу 2.000 станови, чија вредност се проценува на 200 милиони евра.
„Јавното обвинителство под диктат на Заев и СДС не ги истражи овие индиции и сомнежи за поткуп вреден 4 милиони евра. Го повикуваме повторно да се истражи случајот, затоа што граѓаните заслужуваат правда“, изјави Петрушевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ упатија прашања до опозицијата за тоа каде завршиле овие пари, алудирајќи на наводни инвестиции во странски авиокомпании или недвижности во Дубаи, обвинувајќи го актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, дека сè уште работи под директно влијание на Заев.


