Македонија поразена од Словенија на стартот од ЕП

Македонската машка ракометна репрезентација претрпе пораз од 27-25 на првиот меч од ЕП 2022 против селекцијата нс Словенија. Дури и без повредениот Кире Лазаров нашите ракометари се покажаа во добро светло, во големи периоди од мечот целосно парирајќи му на квалитетниот противник.

Мечот беше фуриозен за македонската репрезентација, одличната одбрана на чело со Томовски донесе водство од 3-0, па Словенија првиот гол го постигна во седмата минута преку Скубе (3-1). „Црвено-жолтите“ имаа и 4-1, но потоа следеа неколку минути исполнети со слаба игра во напад, што противникот го искористи за да направи целосен пресврт.

Словенија стигна и до убедливи 4-7, Лазаров побара тајмаут и веднаш успеа да ја консолидира играта, долгиот пост без постигнат погодок го прекина Цветан Кузманоски од седум метри, погодија и Талески и Филип Кузмановски, па набрзина стигнавме до израмнување од 8-8.

Томовски го продолжи своето шоу со одбранет пенал, но расположен на спротивната страна беше и Базник, кој запре зицер на Филип Кузмановски во 23. минута, при водство на Словенија од 8-9. Врањеш имаше причина за незадоволство, па словенечкиот селектор при резултат 10-10 беше принуден да побара тајмаут на пет минути до крајот. Советите вродија со плод, Базник до крајот на полувремето не прими ниту еден гол, а Македонија замина на одмор со негатива од 13-10.

Вториот дел го почнавме со „седум на шест“, но по неколкуте грешки и загубени топки, Словенија поведе со 17-12, а Лазаров го врати голманот Томовски на терен. Македонија повторно покажа карактер, не се предаде, па по изнудениот пенал и исклучување од Пешевски, Цветан Кузманоски намали на 19-17. Меѓу „фалангата“ завладеа еуфорија откако Скубе направи чекори, а Филип Кузмановски беспрекорно реализираше на спротивната страна, намалувајќи на 19-18.

Во клучни моменти најпрвин Центар Кузманоски, а потоа и Пешевски ја погодија само гредата од противничкиот гол, а противникот знаеше да го казни тоа и поведе со 21-18, принудувајќи го Лазаров на тајмаут. Само за момент намаливме на 21-19, но Словенија одговори со нови погодоци во мрежата на Томовски. „Црвено-жолтите“ повторно не се предадоа, успевајќи да намалат на 23-22, но тоа беше се што успеаја да сторат, Словенија успеа да го исконтролира мечот, а Македонија пред крајот намали на конечните 27-25.

Македонија во второто коло ќе се сретне со селекцијата на Црна Гора, меч што е закажан за сабота со почеток во 18 часот.

13.01.2022 - 20:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега