Еко-активистите побараа одговорност на протест за загадувањето на Крива Река
„Крива река не ви е крива“ порачаа денеска еко-активистите на протестот во врска со загадувањето на Крива Река, кое се случи по хаварија во рудникот Тораница, управуван од компанијата „Булмак 2016“. Пред Министерството за животна средина и просторно планирање присутните побараа одговорност, увид во анализите на водите како и мерки за заштита на водоснабдувањето во регионот.
Ивана Дракулевска од Зелен Хуман Град изјави дека последната хаварија во рудникот Тораница ја покажа човечката негрижа кон животната средина.
-Пукната цевка од рудникот ја загади Тораничка Река, која потоа се влева во Крива Река, па на видеоснимките од локалните жители можевме да ја видиме реката низ која наместо вода, изгледа како да тече бетон. Го немаме луксузот да бидеме рамнодушни и да молчиме, како што молчат оние што беа должни да го спречат овој инцидент, рече таа.
Дополни дека бараат да се покрене истрага за надлежните лица во инсистуциите кои, според нив, морале да си ја завршат работата согласно законот а тоа не го направиле.
-Особено Државниот инспекторат за техничка инспекција и за инспекторите кои не земале мостри дента на настанот. Дали го провериле и следеле квалитетот на опремата која што располагал рудникот, техничката опрема, цевките, дали се исправни, дали не, ова можело да се предвиди и да се превенира. Не можеме да очекуваме цевка која што е стара 30 години ќе трае вечно, посочи Дракулевска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа