Владата, на предлог на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, донесе одлука за отворање на Амбасада на Република Северна Македонија во Република Литванија, со седиште во Вилнус.
Новото дипломатско-конзуларно претставништво се очекува значително да ги зајакне врските меѓу двете држави во наредниот период.
Воспоставувањето постојано резидентно дипломатско присуство во Вилнус ќе придонесе за зајакнување на директниот политички дијалог меѓу двете земји, поефикасно застапување на нашите национални интереси и унапредување на билатералната соработка со оваа значајна пријателска земја.
Покрај билатералните односи, новата амбасада ќе има стратешка позиција во однос на целиот балтички регион.
Амбасадата во Вилнус ќе има и поширока регионална улога, претставувајќи централна точка за покривање на останатите балтички држави во политичката, економската, културната, конзуларната и во другите сфери од заеднички интерес.
Како клучна причина за ваквиот чекор се наведува и досегашната силна поддршка што земјава ја добива на патот кон евроатлантските интеграции.
Република Литванија е меѓу најактивните членки на Европската Унија и НАТО во доменот на безбедносните политики и политиката на проширување на Унијата, како и држава која континуирано го поддржува процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија.
Блиските, искрени и партнерски односи меѓу двете земји се потврдуваат и преку одлуката на литванската страна, во ноември 2023 година, да отвори Канцеларија во Скопјe.
Со овој потег се менуваат и досегашните дипломатски ингеренции кои се покриваа од Полска.
Со оваа одлука, Амбасадата на Република Северна Македонија во Варшава престанува да биде надлежно дипломатско-конзуларно претставништво за Република Литванија на нерезидентна основа.


