Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) стави под здравствен надзор 41 лице во Соединетите Американски Држави, поради сомнеж дека биле изложени на хантавирус. Сите тие се соочуваат со ризик од заразување по контакт со случаи поврзани со појава на вирусот на патнички крузер.

На потенцијално изложените лица им е наредено да останат во домашна изолација и да избегнуваат контакт со други луѓе во траење од 42 дена. Оваа мерка се спроведува поради можната подолга инкубација на вирусот и ризикот од негово натамошно ширење.

Дејвид Фитер, лекар од ЦДЦ кој ја координира целата ситуација, изјави дека потенцијално изложените лица припаѓаат на три главни групи: „патници кои неодамна биле репатрирани и во моментот се наоѓаат во Небраска и во Емори, патници кои го напуштиле крузерот и се вратиле дома пред да биде забележана епидемијата, како и лица кои можеби биле изложени за време на патувањето, особено на летови на кои имало симптоматски случаи“.

Светската здравствена организација (СЗО) веќе предупреди дека може да се очекува раст на бројот на случаи, пред сè поради долгиот период на инкубација и блиските контакти меѓу патниците на бродот.

Појавата на смртоносниот хантавирус, поточно на неговиот андски сој, беше регистрирана во април годинава на холандскиот крузер „MV Hondius“, за време на неговото патување од Аргентина кон Зеленортските Острови. Според податоците од СЗО, инкубацијата на овој сој може да трае од шест до осум недели, што наметнува потреба од исклучително внимателен надзор.

Во меѓувреме, состојбата се следи и во Европа. Француската министерка за здравство, Стефани Рист, соопшти дека во Франција биле тестирани сите контакти на лицата кои биле позитивни на хантавирус, при што сите добиени резултати биле негативни.

Exit mobile version