Полицијата презема мерки за утврдување на идентитетот на лицето што го чувало волкот кој пред неколку дена беше заловен во скопската населба Козле.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека интензивно се работи на откривање на локацијата каде што животното било чувано во заробеништво, како и на пронаоѓање на одговорното лице.
Според законските прописи во земјава, чувањето диви животни без соодветна дозвола е строго забрането и може да донесе сериозни парични казни, кои во одредени случаи достигнуваат и до 20.000 евра.
Законот за заштита на природата децидно предвидува дека чувањето и размножувањето диви животински видови без соодветни услови и одобренија не е дозволено.
Овој случај веќе предизвика низа реакции во јавноста, особено по информациите дека животното било пронајдено во лоша здравствена состојба во урбана средина.
Од Скопската зоолошка градина информираа дека прифатениот волк е млад, тежок околу 25 килограми, но е видно неухранет.


