Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со неговиот бугарски колега, министерот Гроздан Караџов, денеска ќе го потпишат Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8.

Церемонијата на потпишување ќе се одржи на железничката станица Ѓуешево. На настанот е најавено присуство на високи претставници од Европската комисија, НАТО, САД, како и од меѓународните финансиски институции – Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Светска банка.

Од Министерството за транспорт информираат дека овој железнички тунел ќе претставува меѓугранична точка на двете држави. Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, од кои 1,2 километри се на територијата на Македонија.

Министерството потенцира дека изградбата на железничкиот Коридор 8, покрај економското значење, има и безбедносно значење во рамки на НАТО.

Во моментов, делницата од Бељаковце до Крива Паланка е во фаза на изградба, додека интензивно се работи на подготовка на третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, која го опфаќа и тунелското решение.

Exit mobile version