Македонскиот весник „Илинден” кој е во печатено и електро издание објави напис под наслов „Македонците во Албанија соочени со предизвици: борба за јазикот, идентитетот и иднината”, во кој стои дека македонската заедница во Албанија и понатаму се соочува со низа предизвици поврзани со зачувувањето на јазикот, културниот идентитет и опстанокот на традиционалните населени места.
– Иако македонското малцинство е официјално признато, претставниците на заедницата укажуваат дека се потребни дополнителни напори и поголема институционална поддршка за унапредување на правата и можностите на Македонците во Албанија, стои во написот.
Во регионите каде што традиционално живее македонско население: Голо Брдо, Преспа, Гора, Врбник и Поле жителите како најзначајни проблеми ги посочуваат ограничените можности за образование на мајчин јазик, економската состојба и иселувањето на младите.
Едно од најважните прашања останува образованието на македонски јазик. Иако во одредени средини постои можност за изучување на македонскиот јазик, од заедницата се бара проширување на наставата и создавање услови секое дете со интерес и припадност кон македонската заедница да може да го изучува својот мајчин јазик.
– Јазикот е темелот на секој идентитет. Без можност младите да го изучуваат и користат својот јазик, постепено се губи врската со културното наследство и традицијата, истакнуваат претставници на македонските здруженија во Албанија за весникот
Покрај прашањата поврзани со јазикот и образованието, значаен предизвик претставува и економската состојба. Недостигот на работни места и ограничените перспективи за младите придонесуваат за миграција кон поголемите градови и кон странство. Овој процес директно влијае врз демографската слика на населените места каде што живее македонско население.
Се оценува дека и покрај бројните предизвици, легитимните македонски здруженија, како и партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), продолжуваат активно да работат на зачувување и промовирање на македонскиот фолклор, традиција, јазик и културно наследство.
Преку различни културни, образовни и општествени иницијативи, тие настојуваат да ја одржат жива врската меѓу новите генерации и историските корени, поттикнувајќи го познавањето и почитувањето на културниот идентитет и наследството.
Иднината на Македонците во Албанија, според нив, зависи од создавањето подобри услови за живот, обезбедувањето можности за образование на мајчин јазик и отворањето перспективи за младите генерации.
- Бремена жена ја преживеа несреќата во Шпанија, открива што се случувало
- Зеленски најави мировни преговори во Абу Даби од 6 до 10 ноември
- Владимир Путин го нарече Илон Маск „вистински гениј“
- СДСМ со остри критики кон Мицкоски: Како ќе гради добри односи со српските студенти по блиските врски со Вучиќ?
- Пронајден и казнет возачот кој возеше автомобил по велосипедска патека во Бутел
- Цената на нафтата „Брент“ падна под 115 долари за барел
- Шпанија: Поранешната министерка Фатима Бањес меѓу загинатите во железничката несреќа кај Толедо
- Студентите бараат 200 денари за оброк

