Започната е темелна реконструкција на Јавната општинска установа за деца – градинка „Мајски Цвет“ во населбата Тафталиџе 1, објави премиерот Христијан Мицкоски. Станува збор за инвестиција вредна 108.941.063 денари, финансирана од Владата преку Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Проектот предвидува целосно обновување на објектот, вклучувајќи замена на покривната конструкција, реконструкција на внатрешните простории, обновување на санитарните јазли и поставување на нова топлотна изолација.
„Со реализацијата на овој проект, не само што се модернизира објектот, туку и се овозможува простор што ги стимулира креативниот и социјалниот развој на децата“, истакна премиерот, додавајќи дека целта е создавање на енергетски ефикасен и безбеден простор за најмладите.

