Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла од 50 до 100 метри е забележана во Пехчево, Берово, Смојмирово и Катланово.
Од 00:10 часот има прекин на товарниот сообраќај на влез и излез од бугарска страна на граничниот премин Деве Баир, поради технички проблем со системот.
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на сообраќајната сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата што минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои можност за појава на одрони. Ова особено се однесува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

