Пожарот кај тетовското село Лешница е ставен под контрола и е целосно локализиран, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во акцијата за негово гаснење биле ангажирани и два авиона на Дирекцијата за заштита и спасување.
На терен за време на интервенцијата излегол и директорот на ЦУК, Мухамет Али, кој раководел со координацијата меѓу службите.
„Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамет Али, веднаш по добиената дојава за пожарот во реонот на Лешница кај Тетово, лично излезе на терен со цел да ги координира активностите на надлежните институции за локализирање на пожарот. Во целосна координација со сите надлежни институции, на терен интервенираа два авиона на Дирекцијата за заштита и спасување, како и екипите на Територијалната противпожарна единица – Тетово, кои работеа непрекинато и со максимална посветеност. Благодарение на брзата, професионална реакција и координацијата на сите надлежни служби, пожарот е локализиран, а екипите остануваат на терен за следење на состојбата и целосно гаснење на преостанатите жаришта, со цел да не дојде до негово повторно активирање“, соопшти ЦУК.
Од Центарот за управување со кризи упатија и апел до јавноста за поголема претпазливост на отворен простор во наредниот период.
Директорот на ЦУК апелира до сите граѓани во наредните денови да бидат максимално внимателни, да не палат оган на отворен простор и секоја појава на чад или пожар веднаш да ја пријават на единствениот број за итни случаи 112.


