Цените на горивата во Германија предизвикуваат сè поголемо незадоволство кај возачите, додека владината коалиција сè уште нема усогласено решение за нивно намалување.
Бензинските пумпи во земјата смеат еднаш дневно, на пладне, да ги зголемат цените. Во Берлин вчера наутро литар бензин Е10 чинел околу 2,25 евра, а дизелот околу 2,37 евра, додека на пладне цените се зголемиле за околу 20 центи по литар. Највисока цена била забележана на пумпа покрај автопат во јужниот дел на Берлин, каде што „Super Plus“ достигнал 3,03 евра за литар. Растот најмногу ги погодува жителите во руралните подрачја, додека најповолна е ситуацијата во пограничните региони, бидејќи полнење резервоар во соседна Чешка, Полска, Луксембург или Австрија е значително поевтино.
Канцеларот Фридрих Мерц најави дека владата мора да реагира, посочувајќи дека границата на подносливост е достигната.
„Владата мора да реагира, за многу граѓани кои секојдневно зависат од автомобилот границата на подносливост е достигната“, изјави канцеларот Фридрих Мерц, најавувајќи дека конкретниот предлог ќе следува наскоро.

