Левица отвори нова сметка во банка, сега бара донации од граѓаните

 

Политичката партија Левица, која има двајца пратеници во Собранието, бара донации од граѓаните, бидејќи, како што објаснуваат оттаму, нивните пари се блокирани во пропаднатата Еуростандард банка.

Оваа објава преку Фејсбук ја сподели и лидерот на партијата, Димитар Апасиев.

Донациите ќе можат да се даваат преку сметка во Комерцијална банка.

„Драги соборци… Во приказната на животот, или дозволуваш да ти се случуваат работите или ТИ самиот правиш да се случуваат. Со Левица покажавме дека сме од вториот ков – троскот кој не можат да го искорнат! Покажавме дека стравот и безнадежноста се ништо во споредба со храброста – оти таа е заразна и, кога еднаш ќе се појави, како незапирлива фурија, доаѓа по своето. Иднината зависи од она што го правиме сега. А она што доаѓа, е многу подобро од она што е поминато, бидејќи наместо да го предвидуваме – НИЕ заедно ќе го создадеме. Во Левица сме обединети сите БОРЦИ против нефункционалниот и корумпиран систем, оти знаеме дека она што го погодува еден од нас, ги погодува сите. Како луѓе од народот, знаеме дека сѐ додека стравуваме за дом, прехрана, работа, здравје – сѐ додека сме желни за правда, ние не сме слободни и борбата мора да продолжи. Заедно дојдовме дотука. Им го пробивме системот. Заедно продолжуваме уште посилно! Затоа, воскликот и ситечка злорадост кај нашите политички непријатели, за блокираните пари на Левица во пропаднатата Еуростандард банка, без кои не можеме нормално да функционираме, за нас се само инспирација за акција“, пишуваат од Левица.

Во соопштението е наведено и дека уште пред повеќе од една деценија почнале да градат автентично политичко движење буквално од нула, кое сега расцутува како чиста совест на нацијата.

„Нам никогаш не ни е страв пак од нула да почнеме! Во тоа е нашата величина. Левица никогаш нема да стане партија која одработува за лоби групи кои ја купиле со нивните валкани пари. Затоа, Левица, консолидирана и посилна од било кога, се обраќа за политички ДОНАЦИИ кон сите наши стари и нови членови, симпатизери и сограѓани, нашите гласачи и поддржувачи – кон луѓето од кои црпи легитимитет и на кои им припаѓа. Некои можеби ќе мислат дека ова е наивно, но не е! Туку доблесно. А ДОБЛЕСТА е клучот кој го менува светот. Ние не бараме луѓето да прават нешто што не можат, туку она што сакаат и што можат да го направат. Во Левица луѓето делуваат со љубов, посветеност и ентузијазам, поради тоа што веруваат дека подобар свет е можен. Поради тоа што сакаат да се дел од Движење во кое е ОК да бидеш добар, чесен и неподмитлив; повеќе да даваш, одошто да земаш; да бидеш искрен и пркослив, наместо поразен и апатичен. Ние ги спасивме идеалите и принципите, со тоа што не се шитнавме. А ако се спасени принципите – сè е спасено!“, наведуваат од Левица.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.09.2020 - 15:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега