Поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи при Владата, Пеце Мирчевски, доби обвинителен предлог од Основното јавно обвинителство Скопје за продолжено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување, како и за фалсификување службена исправа.

Според Обвинителството, Мирчевски во периодот од јули 2021 до март 2024 година, како директор на СОЗР, ги пречекорил службените овластувања и без основ за службени патувања потпишувал решенија и патни налози за себе и за повеќе вработени.

Како што се наведува во соопштението, обвинетиот без оправдана причина го користел владиниот авион „Лирџет 60“ за приватни потреби, а од средствата на СОЗР биле вршени плаќања за различни трошоци. Дополнително, се товари дека неосновано користел средства од службена картичка за хотелски и угостителски услуги. Со овие дејствија, според ОЈО, бил предизвиканo оштетување на Буџетот на СОЗР од 2.562.139 денари.

Во обвинението се опфатени и наводи дека во периодот од октомври 2023 до јуни 2024 година не презел дејствија поврзани со статусот на пилот вработен во СОЗР, иако бил информиран дека тој не ги исполнува потребните стандарди за летање со владиниот авион. Според Обвинителството, со тоа била предизвикана дополнителна штета од 5.431.624 денари.

За фалсификување службена исправа, ОЈО наведува дека Мирчевски во постапки за јавни набавки за изнајмување возила внел невистинити податоци во изјави за непостоење судир на интереси, иако тој и неговата сопруга користеле возила од истата фирма без надомест.

Во однос на сопственикот на фирмата, против кого претходно се водела истрага за давање поткуп, јавниот обвинител донел наредба за запирање на постапката, бидејќи не биле обезбедени докази дека постоела намера за влијание врз јавните набавки.

Exit mobile version