Партијата СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче со ставовите за дата центрите се поставија директно против стратешкиот партнер САД, но и против ставовите на сопствениот пратеник и поранешен премиер Димитар Ковачевски, обвини денеска пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Тој направи паралела со глобалните случувања во оваа технологија и посочи дека во создавањето негативно јавно мислење во САД против дата центрите се вклучени профили од Кина.
„Венко Филипче и талогот на СДС освен што шират лаги, манипулации и паника меѓу граѓаните, за дата центрите успеаја да се најдат и на линија против стратешкиот партнер на Македонија, САД, ама и на линија против ставови на свои сопартијци. Во креирање на јавното мислење во САД против дата центрите вклучени се многубројни профили од Кина. Ова е разбирливо затоа што САД се најголем конкурент на Кина во оваа индустрија со дата центрите“, изјави Лефков.
Пратеникот потсети на вчерашните изјави на Димитар Ковачевски, кој јавно го поддржа развојот на оваа индустрија во државата.
„Филипче исто така се најде и на спротивна страна со поранешниот премиер од СДС, Димитар Ковачевски, актуелен пратеник кој јасно ја поддржа идејата за развој на оваа индустрија. Ковачевски вчера јавно ги објасни работите, меѓу другото и на Филипче, и укажа на користа за Македонија од дата центри како национален, така и од евентуалните идни приватни дати центри. Ваквото однесување на талогот на СДС и Филипче говори само за нивната конфликтна природа. Тоа не е добро за никого, па ниту за Филипче и СДС“, додаде тој.
Лефков заклучи дека актуелната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ води политики за модерна држава, повисок животен стандард и квалитетна животна средина.

