Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната прес-конференција го обвини обвинителот за гонење организиран криминал, Ислам Абази, за непокренување обвинение за 19 модуларни болници, со што, според него, правдата не видела бел ден.

Лефков истакна дека Абази го искористил својот мандат за заштита на интересите на СДС и ДУИ, наместо за извршување на својата функција.

„Со непокренување на обвинение за 19 модуларни болници, правдата не виде бел ден. Ова е благодарение на обвинителот во заминување, Ислам Абази кој целиот свој мандат наместо да ја извршува функцијата обвинител за гонење организиран криминал, дури и на крај на мандатот покажа дека имал единствена цел, а тоа е заштита на интересите на СДС и ДУИ“, рече Лефков.

Според него, јавноста сведочела на низа вештачења и документи кои укажуваат дека за изградба на болниците не бил баран никаков услов според Законот за градење, туку единствен закон била волјата на тогашниот министер Венко Филипче.

„Филипче во процедурите одел до таму да прави анекси за зголемување на цената на модуларните, барал од надлежните само да се потпишуваат на документите кои им ги доставувал, а не ги оставал да работат според закон. За тоа сведочи изјава на вработено лице во Министерството за здравство кое во исказ пред обвинителството изјавило, цитирам ‘сакам да појаснам дека не сум ја изготвила техничката спецификација, туку само сум ја проследила по налог на министерот Филипче до министерот за труд и социјална политика’“, истакна Лефков.

Тој заклучи дека при нов доказ постапката може повторно да почне и дека семејствата на 14-те жртви од пожарот во модуларната болница имаат право на правда.

Exit mobile version