Дваесет факултети и академии во Загреб, како и голем број универзитетски оддели, утрово добија анонимна дојава за поставени експлозивни направи.
Пораката содржи и закана со огнено оружје, а полицијата веќе врши детални инспекции на зградите, објавува порталот „Средња“.
Универзитетот во Загреб потврди дека тие, заедно со неколку негови соработници, добиле заканувачка порака од непознат испраќач.
„Пораката е испратена денес кратко пред 9 часот наутро до голем број адреси на Универзитетот, неговите оддели и деканите на факултетите и академиите. Според нашите информации, 20 факултети и академии ја примиле. Во пораката се наведува дека е поставена бомба во просториите на Универзитетот и дека е упатена закана со огнено оружје“, соопшти Универзитетот.
Од таму нагласуваат дека заканата ја сфатиле сериозно и дека администрациите на факултетите постапуваат според полициските упатства. Во тек е детална безбедносна инспекција на зградите, а во дел од објектите прегледите се веќе завршени и не се пронајдени никакви направи.
„Ги молиме сите студенти и вработени да ги следат примените упатства и да не влегуваат во зградите додека не заврши безбедносната проверка. Исто така, ги повикуваме сите да останат смирени и да чекаат дополнителни информации“, се вели во соопштението.
Поради новонастанатата ситуација, Факултетот за ветеринарна медицина објави дека попладнево нема да прима пациенти.
Иако денес е првиот ден од новата учебна година, наставата на повеќето факултети започнува по 1 октомври, додека во одредени универзитетски единици во тек се есенските испитни рокови.


