Тендерите вредни 5,3 милиони евра кои ги добила семејната фирма на Ивица Томовски се дел од шема преку која парите завршуваат во „Белата палата“, обвини денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Вели, антикорупцискиот тим на партијата го следел трагот на парите и утврдил дека Томовски и неговите роднини се редовни финансиери на владејачката партија.
„Томовски е донатор на ВМРО-ДПМНЕ. Еден од оние кои најмногу сакаат да се истакнат со големи суми. Само во 2021 година донирал 8.000 евра на ВМРО-ДПМНЕ. (…) И не само Томовски. И неговиот зет, Кутановски е донарот на ВМРО-ДПМНЕ исто така. Семејна фирма, семејни донации. Се е јасно. Вака парите завршуваат во белата палата“, рече Кузеска.
Според СДСМ, ова објаснува зошто Томовски се труди да покаже дека нема поврзаност со фирмата, иако, како што велат, сите инволвирани се негови блиски роднини, а и неговиот број е пријавен како контакт.

