Кузеска: Делегацијата на чело со Силјановска во Софија доживеа дипломатски дебакл
Македонската делегација на чело со Гордана Силјановска-Давкова, вчера во Софија доживеа дипломатски дебакл, а државата досега невидено понижување и срам на меѓународна политичка сцена, изјави на прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Гордата Гордана и придружните министри во Софија беа пречекани како претставници на некои локални бугарски клубови или општински институции, а не како меѓународни високи претставници на држава членка на НАТО и важен партнер на Бугарија. Гордата Гордана се согласила на средба без да се истакне македонското знаме, избра да праќа соопштенија до јавноста без користење на државното уставно, се согласила на средба без заеднички изјави за медиумите. Ова е огромен срам“, изјави Кузеска.
Како што рече, Силјновска оттаму се враќа без никаква конкретна порака или договор.
„Прашањето е зошто ја плаќаат граѓаните Гордана, за да гледа опери и ужива? Малку ли и беа три месеци на одмор во Охрид летово во вилата? Ја прашуваме Гордата Гордана и нејзиниот шеф Мицкоски, која држава ја претставуваа во Бугарија и со кои симболи? Каде се изгуби државното име и во него Македонија – за чие меѓународно признавање се бореа генерации? Каде се изгуби ветената и неостварена гордост? Дали сликањето до бугарското знаме значи дека ја претставува Бугарија?“, рече Кузеска.
Според СДСМ, Владата на Мицкоски и Силјановска се понижени и нив воопшто и не ги третираат како државници.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа