Малолетно дете со повреди било пренесено во болница откако паднало од тераса на напуштен објект во центарот на Куманово. Случајот во полицијата го пријавил лекар од Итната медицинска помош синоќа околу 21:20 часот.

Од СВР Куманово потврдуваат дека несреќата се случила на улицата „Кирил и Методиј“.

„Според пријавеното, тоа со повредите се здобило при пад од тераса во запуштен објект на улицата „Кирил и Методиј“ во Куманово“, соопшти полицијата.

Увид на местото извршила екипа на СВР Куманово и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Станува збор за поранешниот „Пионерски дом“, објект кој со години е запуштен и демолиран иако се наоѓа во централното градско подрачје помеѓу неколку училишта.

Општина Куманово досега поднела шест иницијативи до надлежните министерства за преземање на објектот, но сите биле одбиени.

Главната пречка останува нерешениот правен статус, иако според урбанистичките планови намена на објектот е образование.

Во моментов зградата е целосно демолирана, со украдени инсталации и радијатори, што претставува постојана опасност за граѓаните.

Exit mobile version