Судскиот процес за корупција со европските фондови доби нов пресврт откако обвинетата Јасмина Костадинова призна дека примила поткуп од 2.000 евра за манипулација со ранг-листата за финансиски средства. Костадинова, која работела во Министерството за земјоделство, сега бара судот да ѝ врати дел од запленетите пари за кои тврди дека се нејзини.
Првообвинет за давање поткуп во овој случај е Џевдет Насуфи, поранешен министер и директор на фирмата „Сигнас-Арго“. Покрај него, обвинет за примање мито е и Илија Стоилев, поранешен директор на Агенцијата за финансиска поддршка.
Обвинителството потенцира дека овој случај имал директни последици врз односите со Брисел.
„Овој случај го загрозува кредибилитетот на државата пред Европската Унија“, истакна обвинителката Наташа Поп Трајкова.
Адвокатот на одбраната, Ѕвонко Давидовиќ, пак, побара подеднаков третман на буџетските средства.
„Државата треба еднакво да ги вреднува домашните и европските пари и тежината на делото не треба да се зголемува само затоа што се работи за европски фондови“, изјави Давидовиќ.
Иако ЕК привремено ги стопираше средствата од 2,9 милиони евра поради овој скандал, тие во меѓувреме се деблокирани. За Костадинова пресудата следува во понеделник, додека за останатите групата процесот продолжува во мај.


