Кандидатот за градоначалник на општина Росоман, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓи Крстевски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека време е за промени во Росоман за подобра иднина за да биде општина што се менува, што расте и се развива со реализација на бројни проекти како реконструкција на патиштата, на стадионот и проширување на сите локални патишта.

„Со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и со тимот на чесни, работливи луѓе започнуваме ново поглавје за Росоман. Во следниот мандат, заедно ќе го направиме она што многумина рекоа дека е невозможно. Ќе воведеме проект зелена општина Росоман. Нема да има повеќе дечиња на листата на чекање во детската градинка, ќе ги прошириме урбанистичките опфати на населените места и ќе изработиме нови урбанистички планови. Ќе ги реконструираме полските патишта во сите населени места, ќе воведеме бесплатни саеми за земјоделците од општина Росоман со посета на регионалните саеми во Нови Сад, Пловдив и Солун“, вели Крстевски.

Кандидатот за градоначалник на општина Росоман, Ѓорѓи Крстевски истакна дека ќе се реконструира стадионот, ќе се проектира нов локален пат од Росоман до Крушевица и многу други проекти во областа на образованието, спортот и културата.

„Ќе го реконструираме стадионот во Росоман, со пешачка патека и реквизити за најмалите. Проектирање и изведба на нов локален пат од Росоман до клучка Крушевица, проширување на сите локални патишта до населените места, финансиски стабилно и современо Јавно комунално претпријатие со нова зграда и зголемена плата за вработените. Модерно и современо образование. Поставување на надзорни камери и отворање на полициско одделение во соработка со МВР, модерен и атрактивен локален туризам, развој на спортот и културата, ова не се само зборови, ова е план. План што ќе го спроведеме со работа, чесност и одговорност“, рече Крстевски.

Exit mobile version