Американските аеродроми и денеска се соочуваат со сериозни доцнења на летовите поради недостиг на контролори на летање, откако блокадата на федералниот буџет ја натера владата да влезе во втор месец на делумно затворање.
На аеродромот Њуарк во Њу Џерси се забележани доцнења од два до три часа, соопшти агенцијата АП. Канцеларијата за управување со вонредни состојби во Њујорк предупреди дека ваквите прекини често предизвикуваат синџирни реакции и на другите аеродроми во регионот, вклучувајќи ги „Џон Ф. Кенеди“ и „Ла Гвардија“.
Патниците кои патуваат до, од или преку Њујорк се советуваат да бидат подготвени за можни промени во распоредот, подолги чекања на гејтовите и потенцијални пропуштени конекции.
Сериозни доцнења и откажувања на летови се бележат и други аеродроми, меѓу кои „Џорџ Буш Интерконтинентал“ во Хјустон, „Далас-Форт Ворт“, „Чикаго О’Хара“, како и терминалите во Сан Франциско, Лос Анџелес, Денвер и Мајами. Според податоците на FlightAware, десетици летови се доцнат или се целосно откажани.
Министерот за транспорт на САД, Шон Дафи, изјави дека патниците треба да бидат подготвени за уште почести прекини на летовите доколку не се реши кризата со финансирањето. Тој нагласи дека владата нема намера да ги отпушта контролорите кои не се појавуваат на работа, иако многумина од нив веќе неколку недели не примаат плата поради делумното затворање на федералната администрација.

