Кралицата Елизабета ја запрепасти јавноста: Моја искрена желба е Камила да биде кралица
Британската кралица Елизабета соопшти дека сака Камила Паркер, војвотката од Корнвол, да ја добие титулата кралица кога принцот Чарлс ќе стане крал.
Во пораката по повод 70-годишнината од нејзиното владеење, кралицата рече дека нејзина „искрена желба“ е Камила да ја добие таа титула, пренесува „BBC“.
Пораката на кралицата, по повод годишнината од нејзиното доаѓање на тронот во 1952-ра година, директно се однесува на нерешеното прашање за идната титула на војвотката од Корнвол.
„Моја искрена желба е кога ќе дојде тоа време, Камила да биде позната како кралица сопруга“, соопшти кралицата Елизабета.
Вообичаената процедура е војвотката Камила автоматски да стане кралица ако Чарлс стане крал, но поради несигурноста во јавното мислење, се сугерира дека Камила може да биде именувана за „принцеза сопруга“, што беше официјалниот став кога принцот Чарлс се ожени со неа во 2005-та година.
Чарлс и Камила преку својот портпарол порачале дека се трогнати и почестени од зборовите на Нејзиното височество.
Принцот Чарлс ѝ се заблагодари на кралицата за нејзината вчерашна изјава дека се надева дека Камила, сопругата на престолонаследникот Чарлс, ќе стане кралица кога тој ќе стане крал.
„Свесни сме за честа што нѝ ја укажа мајка ми со нејзината желба. Мојата драга сопруга ми беше постојана поддршка цело време кога работевме заедно за да му служиме и да го поддржуваме нејзиното височество и луѓето во нашите заедници“, рекол принцот Чарлс.
Тој порачал дека годината во која се одбележува овој единствен јубилеј носи можност сите да се соберат заедно 'во чест на службата на кралицата, по чиј пример ќе продолжиме да се водиме и во годините што доаѓаат'.
На многумина во Британија им требаа години да му простат на Чарлс, човекот чиешто признаено неверство ѝ донесе толкава болка на 'народната принцеза' пред да загине во сообраќајна несреќа во Париз во 1997-ма година.
Но, јавното расположение омекна откако Чарлс се ожени со Камила Паркер Боулс во 2005-та година и таа стана војвотка од Корнвол.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа