Денеска е последниот училиштен ден за основците и средношколците во учебната 2025/2026 година. Со завршувањето на наставата започнува летниот распуст, кој ќе трае до 31 август.
За повеќе од 14.500 матуранти наставата заврши на 15 мај. Утре, на 11 јуни, учениците кои се пријавени за државна матура ќе го полагаат задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик – македонски, албански, турски или српски. Кандидатите за државна стручна и државна уметничка матура испитот ќе го полагаат на 12 јуни, додека изборниот екстерен предмет го полагаа на 6 јуни.
Од вкупно 14.587 пријавени ученици, 12.184 ќе полагаат државна матура, 2.276 се пријавени за државна стручна матура, а 127 за државна уметничка матура.
Во меѓувреме, полуматурантите ги очекуваат уписите во средните училишта. Пријавувањето ќе се врши електронски преку порталот Uslugi.gov.mk со најава преку корисничките сметки на schools.mk, по што кандидатите ќе треба да ја достават потребната документација во училиштата каде што конкурираат.
Во јунскиот уписен рок се предвидени две електронски пријавувања – од 12 до 15 јуни и на 23 јуни. Во августовскиот рок ќе има едно пријавување, кое ќе се реализира на 20 август.
Според конкурсот на Министерството за образование и наука, за учебната 2026/2027 година се обезбедени над 25.000 слободни места во 109 јавни средни училишта низ државата. Повеќе од 17.000 места се наменети за стручно образование, речиси 6.000 за гимназиско образование, а 570 за уметничките училишта.


