Три лица се обвинети за повеќекратни тешки кражби на кабли од кругот на скопската „Железара“, откако биле уапсени при бизарен обид да си го земат алатот по посета на Ургентен центар.

Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека поднело Обвинителен акт против тројцата, кои како соизвршители украле кабли во вредност од околу 440 илјади евра.

Во периодот од март до мај, обвинетите влегувале во подземните тунели во објектот на „Полуконти –ИГМ“, проверувале дали каблите се под напон, а потоа со батериска брусалка сечеле и одземале повеќе километри високоенергетски кабли, сопственост на ЕСМ Енергетика и МакСтил.

Поради нивните кражби, на 9 април настанал и пожар во трафостаницата ТС Југ. Пожарот предизвикал дополнителна штета од над 100 илјади евра за санација, како и загуба од околу 60 илјади евра поради неможноста за дистрибуција на струја.

Клопчето почнало да се одмотува на 6 мај. Тројцата обвинети дошле со возило „Фолксваген голф“ да ги подготват каблите за транспорт. Притоа, еден од нив бил повреден од удар со кабел, по што сите тројца отишле на Ургентниот центар „Мајка Тереза“ каде му била укажана лекарска помош.

По интервенцијата, тие се вратиле во објектот за да ги земат алатите кои ги оставиле. Веднаш по излезот од кругот на „Железара“, биле затекнати и уапсени.

Обвинителството побара продолжување на притворот за сите тројца обвинети.

Exit mobile version