Ковачевски: Поддршката на информатичкиот сектор ќе продолжи

 

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски присуствуваше на свеченото доделување на дипломи на студентите за завршени дипломски и магистерски студии на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Тој посочи дека во изминатите 11 години, од формирањето на ФИНКИ, во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, факултетот бележи само растечки тренд и растечки интерес за упис на нови студенти.

Премиерот ја искористи денешната прилика, да ги поздрави и да им честита и на студентите, кои ги земаат дипломите на сите останати факултети.

„Сакам да нагласам дека тоа се должи и на фактот што ФИНКИ ја прифати и сесрдно ја поддржа Националната стратегија за интензивирање на студиите по технички науки во насока на задоволување на потребите на економијата базирана на знаење и потребата на растечката информатичка и компјутерска индустрија која е двигател на растот на економијата“, додаде Ковачевски.

Тој упати пофални зборови кон професорите на овој факултет, благодарејќи на кои годинава запишувањето во средните училишта е целосно дигитализирано и над 97 проценти од идните средношколци се запишале преку платформата обезбедена токму од кадарот на ФИНКИ.

Новина идната година е и надоградениот софтвер, со кој управуваат наставниците од средно образование преку кој интерактивно комуницираат со родителите на учениците.

Ковачевски подвлекувајќи ја отвореноста на Владата за практична примена на знаењата на експертите од оваа област упати покана за вклучување во претстојниот Хакатон ( hackathon) кој тематски ќе треба да ги поддржи со идејно решение за апликација актуелните активности за измените на тарифните модели за електрична енергија, преку која граѓаните ќе имаат увид за трошење на електричната енергија, со што ќе им се помогне за рационално трошење и штедење на електричната енергија.

Тој најави дека од денеска вработените од неговиот Кабинет се отворени за контакт и соработка со факултетот за сите прашања околу апликацијата.

Ковачевски истакна дека поддршката на информатичкиот сектор ќе продолжи со дополнителни владини мерки како дополнителен стимул за младите уште повеќе да се насочат кон оваа индустрија, која од ден во ден отвора сѐ повеќе работни места.

Во оваа насока тој спомена дека тој ја користи секоја прилика да ги мотивира инвеститорите да го искористат потенцијалот на земјата во информатичката технологија, како составен дел од развојот на зелената економија, дигитализацијата, иновациите и новите технологии, човечкиот капитал и развојот на инфраструктурата.

„Затоа преку Фондот за иновации и технолошки развој Владата поддржа над 780 проекти со инвестиција од околу 87 милиони евра. Од овие 780 проекти 392 се старт-ап компании претежно основани од млади луѓе кои со својата иновативност и креативност ги надминуваат предизвиците од минатото и сегашноста се создаваат промени за подобро утре“, рече Ковачевски подвлекувајќи дека со тоа младите луѓе учествуваат во развојот на македонската економија и придонесувајќи за подобар животен стандард на сите граѓани.

Ковачевски додаде дека Владата ја препознава важноста на условите за работа и учење на студентите и ќе се заложи за доизградба на зградата на ФИНКИ.

Грижата за овие кадри, додаде Ковачевски е нашата држава да обезбеди услови и наместо да извезува квалитетни кадри, да започне да извезува готови и иновативни продукти, развиени на ова поднебје, како резултат на вашето образование стекнато тука.

15.06.2022 - 15:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега