Ковачевски: Идеалите и заложбите на Гоце Делчев остануваат и денес наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски во својот текст на социјалните мрежи по повод 119 годишнината од смртта на Гоце Делчев истакнува дека тој беше лидер на идејата за независна македонска држава којашто ја споделуваа прогресивните сили на целиот тогашен Балкан, а неговите идеали и заложби остануваат и денес наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја.

„Денеска, на денот на загинувањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, ги чествуваме неговиот живот и дело како инспиратор и двигател на македонската револуционерна организација и оддаваме почит кон неговиот историски придонес за остварување на историската идеја за правото на Македонците да го остварат вековниот сон за своја самостојна држава.

Неговата порака за светот како поле за културен натпревар меѓу народите до денес не изгубила од својата актуелност и го вбројува Делчев во редот на светските хуманисти.

Како инспиратор и водач на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство на сите граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност во политичките предизвици за создавање на самостојна држава.

Гоце Делчев беше лидер кој застапуваше вредности за обединување околу идејата за независна македонска држава кои ги споделуваа прогресивните сили на целиот тогашен Балкан, а неговите идеали и заложби остануваат наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја“, напиша во неговиот статус.

04.05.2022 - 11:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега