Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, реагираше на обвинувањата од ДУИ и дел од жителите на Чаир поврзани со уписот на првачиња во ОУ „Петар Здравковски – Пенко“, порачувајќи дека општината мора да ја почитува законската реонизација на училиштата.

Според Костовски, согласно Законот за основно образование, учениците треба да се запишуваат во училиште што припаѓа на нивниот реон. Проблемот се појавил бидејќи дел од родителите од Чаир сакаат нивните деца да продолжат да се запишуваат во училиштето „Пенко“, кое иако се наоѓа во непосредна близина на Чаир, административно припаѓа на Општина Бутел.

Костовски тврди дека од Бутел се бара да направи исклучок и во своите основни училишта да прима ученици од друга општина, што, според него, би било спротивно на правилата за реонизација.

Тој ги обвини ДУИ дека административното прашање го претвора во етничко и дека политички ја злоупотребува темата со уписите на децата.

„Во Бутел нема ‘наши’ и ‘ваши’ деца“, порача Костовски, додавајќи дека сите ученици треба да имаат еднаков третман и исти права.

Градоначалникот вели дека ги разбира родителите кои сакаат нивните деца да учат во училиште што го сметаат за поквалитетно или им е поблиску, но нагласува дека локалната самоуправа не може да постапува спротивно на законската регулатива.

Тој порача дека нема да попушти под политички или други притисоци и дека истите правила мора да важат за сите граѓани, без оглед на нивната етничка припадност.

Костовски во реакцијата го отвори и прашањето за урбанизацијата во Бутел, тврдејќи дека зад дел од притисоците постојат и интереси поврзани со градежништвото, додека неговиот концепт, како што вели, е развој со повеќе зеленило, училишта, градинки и спортски терени.

Exit mobile version