Костадиновски: Уставно-правната, судската и политичката култура во фокусот на соработката меѓу Уставниот суд и Правниот факултет „Јустинијан Први"-Скопје
Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први,” проф.д-р Сашо Георгиевски денеска потпишаа Меморандум за соработка.
Со овој Меморандум почнува реализирањето на еден од врвните приоритети на претседателот на Уставниот суд, д-р Костадиновски, којшто при преземањето на функцијата најави дека ќе се заложи за интензивирање на соработката и интеракцијата на Уставниот суд и науката.
„За мене најважно е да ја слушнеме правната мисла за важните уставно - правни теми и дилеми, кои ни се појавуваат секој ден при работата на секој предмет, на секоја седница. Идејата е да си помогнеме едни на други - правната мисла да ни помогне нас како судии за да го подигнеме и кредибилитетот и угледот на Уставниот суд, но од друга страна и ние да му помогнеме на Правниот факултет кој е најстрар најемнинентен субјект во нашата држава, да помогнеме и на неговиот кредибилитет и углед, рече претседателот на Уставниот суд, д-р Костадиновски.”
Деканот на Правниот факултет, проф.д-р Георгиевски го изрази своето задоволство од соработката најавувајќи силна и активна поддршка од фелата за суштински општествено-правни прашања, со акцент на темите од уставното судство.
„Не случајно Уставните судови во светот во своите редови имаат и претставници од Академијата и истакнати правници кои објавувале трудови и се занимавале со научна дејност. Ние веќе утврдивме агенда како ќе соработуваме што говори за желбата и подготвеноста за соработка, ” изјави деканот Георгиевски.”
Меѓу активностите предвидени во рамки на Меморандумот се:
- организирање посети на студенти на додипломски, постдипломски и
докторски студии, со присуство на седниците на Судот и презентација на неговата работа од страна на претставници на Службата на Судот;
- воспоставување програма за волонтирање на студенти во Судот;
- воспоставување програма за спроведување истражувања на студенти на
постдипломски и докторски студии во Судот;
- заедничко аплицирање за проекти од областа на уставното право,
уставното судство и уставната заштита на слободите и правата на човекот и
граѓанинот утврдени со Уставот пред домашни и странски донатори;
- учество на претставници на Правниот факултет при подготовка на посебните извештаи од член 13 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија;
- издавање зборници на научни и стручни трудови од областа на уставното
право, уставното судство и уставната заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени во Уставот;
- заедничко организирање работилници, конференции и слични настани за прашања од уставното право, уставното судство и на слободите и правата на
човекот и граѓанинот утврдени со Уставот;
- воспоставување соработка за ангажирање научни работници во работата на Судот
- учество на претставници на Правниот факултет на конференции.
Соработката помеѓу Судот и Правниот факултет ќе се остварува преку редовна координација на претставници на страните која ќе се одржува најмалку еднаш на секои три месеци.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа