Пратеничката во Собранието на Република Северна Македонија и членка на парламентарната делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), Бисера Костадиновска-Стојчевска, учествуваше на состаноците на комитетите на ПССЕ што се одржаа во Париз.
На 7 септември, таа зеде учество на состанокот на Комитетот за следење на обврските и ангажманите на земјите членки на Советот на Европа, каде што беа разгледани прашања поврзани со исполнувањето на обврските на земјите членки, меѓу кои и состојбите во Грција, како и постмониторинг процесите.
Костадиновска-Стојчевска на 9 септември учествуваше и на состанокот на Комитетот за правни прашања и човекови права, одржан во Канцеларијата на Советот на Европа во Париз. Состанокот опфати теми од областа на човековите права, владеењето на правото и меѓународното право.
Меѓу главните точки беше прашањето за обезбедување на спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на Руската Федерација, вклучително и исплатата на досудениот надомест, при што беа разгледувани предлог-извештај, резолуција и препорака. На дневен ред беа и заканите кон Меѓународниот кривичен суд, а Комитетот разгледа и усвои и декларација со која се повикува да не се глорифицира починатиот осуден воен злосторник Ратко Младиќ.
Во рамки на работната програма беа опфатени повеќе прашања за заштитата на човековите права, меѓу кои предизвиците во Северен Кавказ, пријавените случаи на политички затвореници во Европа, заштитата на бранителите на човековите права и независните новинари во Азербејџан, како и активностите на Советот на Европа во однос на мигрантите, барателите на азил и бегалците. Разгледано беше и прашањето за незаконското задржување на палестински деца од страна на Израел.
Комитетот дискутираше и за подготовката на идната Конвенција на Обединетите нации за спречување и казнување на злосторствата против човештвото, при што беше одржано сослушување со експерти и разгледан предлогот за резолуција за учеството на ПССЕ.
Во однос на растечките закани за медиумскиот плурализам и независноста на медиумите, Комитетот го разгледа и одобри своето мислење. На состанокот беа опфатени и прашања за зајакнување на заштитните механизми против злоупотребата на стоки со двојна намена од страна на авторитарни режими, како и активностите поврзани со претстојниот Самит на Советот на Европа и Светскиот форум за демократија 2026.


