Костадиновска Стојчевска: Носиме исправни одлуки и политики, ги зголемивме платите во време на криза

„Денеска од Богданци, испраќаме порака, дека имаме капацитет, сме мотивирани и нема да дозволиме поигрување со иднината на државата и со нашите сограѓани. Имаме обврска да обезбедиме стабилност, прогрес и европска перспектива на земјата, бидејќи за нашата иднина се работи и за иднината на нашите деца, порача од граѓанската трибина во организација на СДСМ“, вели потпретседателката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска.  
 
Костадиновска Стојчевска истакна дека во ова тешко време  за граѓаните и за државата, никој не е оставен сам.
 
„Носиме исправни одлуки и политики, менаџираме со кризата за полесно да ја пребродиме зимата и да го зачуваме стандардот на граѓаните, нагласи Костадиновска Стојчевска, додавајќи дека СДСМ во време на светска економска криза ја зголеми минималната плата на 18.000 денари. Ветивме покачување на платите и тоа го реализиравме. За само неколку месеци платите во образованието ги зголемивме за 15 отсто, за 7% платите во високото образование, за 5% во МВР, во здравството и во одбраната, истакна потпретседателката на СДСМ.
 
Во време на светска криза за храна посебен фокус ставивме на земјоделството. Ги исплативме сите неисплатени субвенции кон земјоделците, ги субвенционираме трошоците за набавка на вештачки ѓубрива, а од следната година воведуваме нов поефикасен и поправеден систем на субвенции со цел земјоделците навреме да ги добиваат своите субвенции, рече Костадиновска Стојчевска.
 
Костадиновска Стојчевска истакна дека граѓаните знаат што е лицемерно, а што искрено, кој блокира а кој води напред, знаат кој се вложува во изминатите 5 години и кој ги решава децениските проблеми, срамно чувани „под тепих“.
 
„Ветивме и ја уверувавме јавноста дека нема никаква асимилација и бугаризација да ни се случи со прифаќањето на Европскиот предлог. Напротив, го заштитивме и го потврдивме во ЕУ нашиот јазик и идентитет. Достоинствено денес чекориме кон ЕУ, како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Додека СДСМ презема навремени и ефикасни мерки, од ВМРО-ДПМНЕ не се откажуваат од деструктивното и штетно дејствување. Очигледна е разликата помеѓу нашиот одговорен, чесен и домаќински пристап и деструктивниот, неодговорен и нечесен однос на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски. затоа не смееме да  им дадеме шанса да не враќаат назад, во време кога Европа забележуваше за нас дека сме заробена држава, порача од граѓанската трибина под мотото „Силно и одлучно кон иднината“, рече Костадиновска Стојчевска.
11.11.2022 - 19:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега