Костадинова Стојчевска: СДСМ со конкретни мерки за зачувување на македонскиот јазик

 

На Денот на сесловенските браќа, просветителите Свети Кирил и Методиј, пратеничката од СДСМ Бисера Костадинова Стојчевска потсети на афирмацијата на македонскиот јазик како темел на македонскиот иденитет.

„Македонскиот јазик денеска е признат во целиот свет, потврден во личната карта на нашата татковина во Обединетите нации. Пред 2 години, токму Владата предводена од СДСМ, 5 мај го прогласи за Ден на македонскиот јазик. Во чест на 5 мај 1945 година кога е усвоена азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо. Годинава, токму на 5 мај беше промовиран и дигитален толковен речник на македонскиот јазик со над 100 илјади зборови. Јазичното богатство е уште едно сведоштво за различноста и посебноста на македонскиот јазик во словенскиот свет, и за неговата автентичност во светската листа јазици“, истакна пратеничката од СДСМ.

Костадинова Стојчевска потсети дека е донесен и нов Закон за употреба на македонскиот јазик, кој опфаќа негова заштита, унапредување и збогатување.

„Владата усвои мерки за унапредување на состојбата со македонскиот јазик кои предвидуваат афирмирањето на македонскиот јазик на странските универзитети, како и Фонд за поддршка на изработка на научни дела посветени на македонскиот јазик. Ја продолжуваме и поддршката на голем број книжевни дела од издавачката дејност на Институтот за македонски јазик, како придонес за збогатувањето и унапредувањето на македонскиот јазик. Оваа 2021 е година во знакот на 100-годишнината од раѓањето на великанот Блаже Конески, како најзаслужен за утврдувањето на македонскиот стандарден јазик. Токму во чест на Џинот од Небрегово, ова одбележување е дел од Календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од страна на УНЕСКО“, рече таа.

Според неа, станавме членка на НАТО како Македонци кои говорат македонски јазик и само со загарантиран македонски иденитет и македонски јазик како што рече, може да станеме и членка на Европската Унија.

МАКФАКС

24.05.2021 - 12:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега