Костадинов: Вратата од мојата канцеларија ќе биде вистински отворена за сите струмичани
Кандидатот за градоначалник на Струмица од СДСМ Костадин Костадинов вечерва на централниот митинг пред неговите струмичани порача дека како градски татко на општината планира оперативно и теренски да се зафати со секојдневните проблеми на жителите во градот и општината, како и активно да работи за иден развој и напредок.
– Пред сѐ, верувам дека со квалитетен, посветен и амбициозен тим можеме да ги реализираме сите цели кои ќе ги поставиме за уште подобра Струмица. Затоа, покрај мене во претстојниот период, а и понатаму во менаџирањето со градот и општината, одбирам да стојат вистински професионалци со кои секојдневно ќе бидеме во служба на потребите на граѓаните. Одбирам да работам со луѓе кои пред сѐ се полни со љубов за нашата Струмица. Еднакви права и можности треба да уживаат сите жени, мажи, момчиња и девојчиња во сите аспекти на нивното живеење – општествени, политички, правни и економски. Жените не се само предодредени да бидат мајки, сопруги, туку континуирано влегуваат во сите пори на општеството, што е за вистинска почит и охрабрување. Токму ова е причината мојот тим да е родово балансиран, порача Костадинов.
Како градоначалник, рече тој, вратата од неговата канцеларија ќе биде вистински отворена за сите Струмичани, без исклучок и дека преку директна партиципација на секој поединец во креирањето на локалните политики со идеи и сугестии ќе напредува општината.
Најави дека клучни проекти кои ќе ги реализира се Чешел пазар, нова противпожарна станица, Булевар по “Св. Илија“ низ касарната, Булевар “Братство и Единство“ кон Агроберзата, Булеварска делница, во правец на булеварот “Климент Охридски“ кон Жито Струмица, кон бензинската пумпа на “Макпетрол“ и кон Кукли, Дом во Банско и во Куклиш, нов градски пазар, реконструкција на нашиот градски плоштад !Гоце Делчев“ и за младите, современ адреналински парк на ридот над Струмица.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа