Трговците кои не ги почитуваат законите ќе се соочат со засилени контроли веќе од средината на оваа година. Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави дека Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе биде зајакнат со 40 нови инспектори кои во моментов ја поминуваат потребната обука.
Според Дурмиши, ова засилување е неопходно за да се покрие целиот внатрешен пазар и да се обезбеди поголема отчетност. „Ни требаат инспектори на терен кои ќе вршат контрола над сите трговски друштва. Целта е јасна – да се утврди кој ги гази законите и да се заштитат граѓаните и економијата“, изјави денеска министерот.
Во моментов, во Пазарниот инспекторат работат 120 инспектори, додека во Трудовиот има околу 80, бројка која според ресорниот министер мора да се зголеми за поефикасна работа на институциите под капата на Министерството за економија.

