Гласањето на болните и изнемоштени лица, затворениците и лицата во старските домови се одвива непречено и без никакви проблеми. До Државната изборна комисија (ДИК) досега нема стасано пријава или информација за каков било застој, информираше денеска претседателот на ДИК, Борис Кондарко.

Тој посочи дека ДИК е во постојан контакт со општинските изборни комисии и дека гласањето започнало навреме.

„Тука во ДИК сме во текот на целиот ден, заедно со нашите координатори за контакт со општинските изборни комиси. Досега немаме известување за никакви потешкотии или други проблеми во однос на гласањето. Денеска гласањето започна на време за сите категории лица со право на глас. Немаме проблем ниту со изборниот материјал, немаме полаки, приговори или некои други информации. Надлежни овластени лица од ДИК беа во обиколка на терен, го следиме непосредно процесот и прибираме информации. По завршувањето, ќе информираме за вкупниот одзив од денешниот изборен ден“, рече Кондарко.

Денеска своето право на глас го остваруваат 4.826 болни или немоќни лица, 1.256 лица во 14 казнено-поправни установи и 214 лица во 13 центри за вонсемејна грижа.

Нивните гласови ќе се пребројуваат утре, заедно со гласовите од утрешниот гласачки ден, кога се одржува вториот круг од локалните избори во 33 општини.

Exit mobile version