Која: Очекуваме од новиот состав на ДИК да ги извршува своите должности согласно законите
Очекуваме од новиот состав на Државната изборна комисија – ДИК да ги извршува своите должности согласно законите, вели во интервју за МИА шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.
-Државната изборна комисија (ДИК) е долгогодишен партнер на нашата Мисија и на ОДИХР. Очекуваме дека новиот состав на ДИК ќе ги извршува своите должности на начин што е целосно во согласност со постојните закони, правила и процедури, вклучувајќи ја и свечената заклетва на членовите. Вреди да се спомене дека ДИК не е само седумчлена комисија. Тука е и администрацијата која покажала високо ниво на професионализам и посветеност во текот на годините, вели амбасадорот Која запрашан дали начинот на изборот на ДИК, која е во нов состав од минатиот месец, оди во насока на партизација, наместо професионализација.
Прв предизвик за ДИК ќе биде организирање и спроведување на локалните избори закажани наесен. Запрашан дали се прифатливи измени во изборното закодавство во изборна година, како и најавите за евентуална промена на изборниот модел, Која посочува на препораката на ОДИХР (Канцеларија за демократски институции и чевекови права на ОБСЕ) тие да се случат најмалку шест месеци пред одржувањето на изборите.
-Според ОДИХР, препорачливо е изборниот закон да стапи на сила најмалку шест месеци пред изборите, за да можат институциите да се подготват непречено да ги спроведуваат промените. Низ годините, ОДИХР има дадени голем број препораки за подобрување на изборниот процес во Северна Македонија. Во нивниот последен извештај за ланските предвремените парламентарни избори, Специјалната мисија за проценка на изборите на ОДИХР јасно стави до знаење дека сè уште има голем број прашања во законската рамка за изборите што треба да се решат, нагласува Која.
Тој појаснува дека ОДИХР не препорачува специфичен изборен модел, а земјите учеснички во ОБСЕ користат широк спектар на разни изборни модели и разни системи за спроведување на изборите, клучно е, нагласува, да се обезбеди инклузивност на процесот за изборна реформа.
-Со оглед на важноста на овие прашања, даваме силна поддршка на инклузивниот процес каде сите засегнати страни можат да разговараат за нивните идеи за изборни реформи што ќе ја зајакнат застапеноста на граѓаните, а со тоа и легитимитетот на избраните функционери. Задоволни сме што Министерството за правда формираше работна група за реформа на изборниот законик, во која се вклучени и политичките партии и граѓанското општество кои имаат експерти на темата. И нашата Мисија и ОДИХР учествуваат во оваа работна група, истакнува амбасадорот Клеменс Која.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа