Со силни емоции и остри критики кон системот, Јулија Златкова, мајка на трагично загинатиот Томас Златков, денеска пред почетокот на второто рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ побара правда за 63-те млади жртви.

„Мора да има правда за нашите убиени деца. Никогаш не треба да ги заборавиме овие деца, ако сакаме да имаме држава“, порача Златкова.

Таа јавно праша кој му дозволил на сопственикот на локалот да го „задуши и убие“ нејзиниот син, посочувајќи со прст кон целата институционална мрежа.

„Кој му помогна во тоа злосторство? Синот, братот, обезбедувањето, полицајците, градоначалниците, инспекторите од сите институции, министрите… Ова не е убиство, ова е геноцид“, изјави таа.

Јулија Златкова го изрази своето разочарување од системот и голем број адвокати на обвинетите од Кочани, оценувајќи дека тоа отвора сомнежи за силно вмрежување и корупција во градот.

Семејствата со нетрпение го очекуваат обвинителниот акт за осомничените полициски службеници, чија истрага ја води ОЈО ГОКК. Родителите бараат правдата конечно да добие имиња и презимиња.

Exit mobile version