Поранешниот командант на Главниот штаб на Армијата на Република Српска и хашки осуденик, Ратко Младиќ, почина денеска на 84-годишна возраст во притворскиот центар во Шевенинген. Неговиот животен пат траеше од воените касарни на ЈНА до Судницата во Хаг, каде што беа донесени правосилни пресуди за најтешките воени злосторства во Европа по Втората светска војна.
Младиќ е роден во 1943 година во селото Божановиќи. По дипломирањето на Воено-индустриското училиште во Земун, се школувал на Воената и командно-штабната академија. Воената кариера ја започна во 1965 година во Скопје, каде што се искачи до чинот началник на штабот на Третиот воен округ. Во 1991 година стана помошник-командант на Приштинскиот корпус, а подоцна ја презеде командата во Книн.
Пресвртната точка се случи во пролетта 1992 година. По преместувањето во Сараево и унапредувањето во чин генерал-потполковник, Народиото собрание на тогашната Српска Република го именуваше за командант на Главниот штаб на новоформираната Армија на Република Српска, функција која ја вршеше до крајот на ноември 1996 година.
Интервенцијата во Сребреница во јули 1995 година резултираше со убиство на над 8.000 Бошњаци и депортација на 36.000 жени и деца. По смената од страна на Билјана Плавшиќ во 1996 година, Младиќ помина 16 години во бегство. Бше уапсен на 26 мај 2011 година во селото Лазарево, Србија, под лажното име Милорад Комадиќ.
На судењето пред Меѓународниот кривичен трибунал во Хаг, тој ги отфрли обвиненијата. Тврдеше дека единствено го брани својот народ, дека тој не ја започнал војната и во неколку наврати го нарече судот „дете на НАТО пактот и западните сили“. За време на изрекувањето на првостепената пресуда, Младиќ викна во судницата: „Лага! Ова е лага!“.
Судскиот процес заврши со правосилна пресуда за доживотен затвор, прогласувајќи го за виновен по 10 од 11-те точки. Тој беше осуден за геноцид во Сребреница, прогон, истребување, масовни убиства и депортации низ повеќе општини во БиХ, за четиригодишното гранатирање и тероризирање на цивилното население за време на Опсадата на Сараево, како и за земање на припадници на УНПРОФОР за заложници.
Единствената точка по која беше ослободен беше точката 1, за геноцид во шест општини во БиХ. Судскиот совет заклучи дека злосторствата во овие региони имаат карактер на злосторства против човештвото, бидејќи немало докази за геноцидна намера за уништување на целата популација во тие средини.


