Во емисијата „Код“ на Телма беа објавени нови детали за транспортот на марихуаната што беше запленета во Србија, во Коњух. Според информациите изнесени во „Код“, дрогата од Македонија во Србија била пренесена со камион што бил лажно пријавен дека превезува „квалитетни лесни македонски перници од Прилеп“, наводно наменети за извоз во Манчестер, Англија.
Наместо перници, во товарниот дел имало 200 кутии со по 6 килограми марихуана. Кутиите биле натоварени на паркинг во близина на Свети Николе, каде што дрогата била донесена со повеќе возила од Алфафарм, без полициска придружба, и потоа претоварена во камионот.
Претходно, перниците од првиот камион биле извадени и префрлени во друг камион, со цел да се ослободи простор за кутиите со марихуана. Како возач на камионот се наведува Александар Ивановски, кој во моментов се наоѓа во притвор.

