Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, денеска даде ажурирани информации за истрагите и судскиот процес поврзан со случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Истрагата против полициските службеници, која беше предвидена да заврши до крајот на септември, е пролонгирана.

„Имаше објективни околности околу сослушување на одредени сведоци, со тоа што најверојатно на почетокот на наредниот месец декември ќе се донесе и јавнообвинителска одлука“, изјави Коцевски.

Во однос на предистрагата за службениците од УЈП (Управата за јавни приходи), Коцевски појасни дека ОЈО Кочани води предистражна постапка и надлежниот јавен обвинител дал напатствија и наредби за преземање на дополнителни процесни дејствија. За овој дел од постапката не може да се каже ништо повеќе во моментов.

Судскиот процес за главниот случај со пожарот почнува следната недела. Со цел да се обезбеди ефикасно и непречено судење, Јавното обвинителство го зајакнува тимот.

Коцевски нагласи дека во судницата обвинението ќе го застапуваат истите обвинители, но дека ќе ангажираат уште неколку дополнителни обвинители.

„Бројот на обвинители што ќе постапуваат по предметот, заедно со дополнително ангажираните можеби ќе биде 15 јавни обвинители“, појасни Коцевски, нагласувајќи дека целта е да не се одолговлекува постапката по вина на Обвинителството.

Exit mobile version