Клековски: Не гледам зошто поштенска марка со ликот на Гоце Делчев е провокација

„Слушнав и потешки квалификации од координаторот на пратеничката група на СДСМ и министерот за надворешни работи Бујар Османи дека ја истоветува Декларацијата со онаа на Каракачанов за свети Кирил и Методиј, дека двете ВМРО се насочени кон рушење на евроинтеграциските процеси итн. значи дека имаше тешки обвинувања околу Декларацијата за Гоце Делчев. А, никој не слушнав до сега да каже што има во Декларацијата и што е спорно во Декларацијата. Јас ја прочитав Декларацијата и во основа е програма за одбележување на 150 години од раѓањето на Гоце Делчев. Во самата Декларација е предвидено да има дебати на Институтот за национална историја, МАНУ. Да има и поштенска марка со ликот на Гоце Делчев и неколку други активности“, истакна Сашо Клековски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата на телевизија 24.

Клековски запраша што има толку спорно во Декларацијата и зошто СДСМ не сака за ова да разговара во Собранието.

„Што има спорно ако би издале поштенска марка со ликот на Гоце Делчев. Ние во секој град имаме училишта именувано по Гоце Делчев. Во секој град имаме булевари именувани по Гоце Делчев. Не гледам ништо спорно, ама во исто време Бугарија издаде пригодна пара со ликот на Гоце Делчев по повод на 150 години. Не гледам зошто поштенска марка со ликот на Гоце Делчев е провокација, а пара со ликот на Гоце Делчев од страна на Бугарија не е провокација“, рече Клековски.

Клековски додаде дека оваа Декларација се случува затоа што во Собранието на Република Македонија од 2018-та година не се носи програмата за одбележување на познати линости и настани. Комисијата за култура која ја претседава пратеникот од владејачкото мнозинство има обврска паралелно со буџетот подготви програма за одбележување на познати личности и настани. Таа програма се доставува до надлежните институции и се буџетира и се постапува по истата. Но, Македонија од 2018 година нема програма. Минатат година немаше програма за одбележување на Блаже Конески и Кирил Пејчиновиќ.

10.02.2022 - 21:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега