Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) започнува процес на ревизија на правилниците за боледување, со цел да се стави крај на масовните злоупотреби кои го оптоваруваат системот. Ова го истакна генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски, посочувајќи дека состојбата со лажните боледувања е алармантна.

Одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на договорот со ПМФ, Клековски беше дециден дека Фондот троши премногу ресурси на „изгирување“ на злоупотребите наместо на здравствени услуги.

„Изморени сме од правење постојани контроли на барање на фирми или установи за контроли на боледувањата. Има значителен број злоупотреби на боледувањата“, истакна Клековски, најавувајќи системско решение наместо поединечни потери.

Директорот појасни дека целта на новата ревизија не е да се наштети на оние на кои боледувањето им е навистина потребно, туку да се најде вистинската мерка.

„Работиме на ревизија на критериумите за боледување, при што е неопходно да постигнеме баланс меѓу потребата за лесна достапност до боледување за оние што имаат потреба, а од друга страна, да ги спречиме злоупотребите“, додаде тој.

Оваа изјава доаѓа во момент кога ФЗО прави значајни чекори за унапредување на здравствените услуги, како што е денешниот договор со Природно-математичкиот факултет за воведување на најсовремени генетски анализи за онколошки заболувања на товар на Фондот.

Exit mobile version