Во судницата во Идризово денеска треба да продолжи судењето за катастрофалниот пожар во дискотеката Пулс во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени. На денешното рочиште е предвидено сослушување на сведоци и законски застапници на оштетените.

Овој судски процес продолжува по одложувањето на претходното рочиште, кое беше побарано од бранителката на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џаферовски. Неговата адвокатка, Сузана Јошевска-Анастасовска, во меѓувреме беше избрана за член на Судскиот совет, што наложи прилагодување во одбраната.

На последното рочиште одржано во декември, атмосферата во судницата беше исполнета со солзи и болни лелеци додека семејствата на загинатите ги слушаа потресните сведочења на мајките. Додека сведоците низ болка порачуваа дека по 16 март нивниот живот засекогаш се променил, обвинетите молчеа со наведнати глави.

Обвинителот Борче Јанев во своето воведно излагање порача дека ова судење е чекор кон утврдување на лична, но и на институционална одговорност. Според него, општеството мора да дознае кој дозволил, кој молчел и кој не ја спречил трагедијата. Тој посочи дека не е важен само тој што го запалил огнот, туку и сите што имале можност да го спречат, нагласувајќи дека долгогодишните системски пропусти и недостигот на контрола го претвориле објектот во смртоносна стапица. Јанев подвлече дека правдата се бара како последица на незаконитост и занемарена должност, а не како чин на одмазда.

Од друга страна, повеќемина обвинети преку своите адвокати ја оспорија основаноста на обвинението. Нивната одбрана тврди дека обвинетите не презеле дејствија што директно довеле до пожарот и дека поседувале валидна документација. Тие вината ја префрлаат на институционалните пропусти. Сопственикот на дискотеката, Дејан Јованов, истакна дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот, додека неговиот син Михаил тврди дека против него нема докази и дека е обвинет само поради семејната поврзаност. Сите останати обвинети изјавија дека не чувствуваат вина.

Трагедијата се случи на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Истрагата покажа дека во дискотеката имало прекумерен број посетители и дека пиротехнички средства биле активирани без соодветна дозвола. Покрај тоа, беше утврдено дека објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови и без соодветен систем за противпожарна заштита.

Exit mobile version