Ќе се обрати Пендаровски- напладне ќе се знае дали ќе биде продолжена вонредната состојба

 

Ќе биде ли појасно како ќе продолжи функционирањето на земјата во идните месеци по денешното обраќање на претседателот на државата Стево Пендаровски најавено за напладне? Пендаровски се очекува да даде одговори на прашањата кога ќе има седница на Советот за безбедност и каква ќе биде одлуката за вонредната состојба поради коронакризата, што исто така би дало некаква насока и за тоа дали и кога би се одржале парламентарните избори во земјата.

Македонија функционира со техничка Влада, чијшто мандат е организирање парламентарни избори, и без Собрание, кое се распушти во февруари, за да бидат организирани предвремени парламентарни избори на 12 април. Пандемијата со коронавирусот ги промени плановите за изборите, па, така тие со Уредба со законска сила беа одложени односно прекинаа изборните дејствија. Земјата е во вонредна состојба од 18 март.

Извесно е дека техничката Влада предводена од премиерот Оливер Спасовски нема да побара нова вонредна состојба или продолжување на четвртата која Пендаровски ја прогласи по Советот за безбедност на 30 мај и завршува на 14 јуни. Чекорите што ги презема Владата со носење на одредени уредби со законска сила, како онаа за продолжување на изборните дејствија, но и вчерашната изјава на министерот за здравство Венко Филипче укажуваат дека тоа овој пат нема да се случи иако во изминатите денови бројките на заразени со коровирусот се над 100 дневно, а само вчера починаа петмина заболени.

Министерот за здравство Филипче вчера на прес-конференција рече дека и покрај зголемениот број на заболени, особено во Скопје, Липково, Штип и некои други места во земјата, не треба да има продолжување на вонредната состојба, туку дека резултати ќе има само доколку има поинтензивни контроли за носењето маски и спречување на групирањето, посебно во вечерните часови.

Претседателот Пендаровски беше медијатор, како што самиот кажа во едно интервју, на лидерските средби што се одржуваа во Вила Водно под засилени мерки за заштита од коронакризата се со цел дијалог и надминување на разликите за датумот за одржување на изборите од страна на партиите. Тој денеска се очекува да каже и дали има основа за нова ваква средба.  До вчера напладне, според партиски извори, немаше иницијатива за одржување ваква средба, но ниту од власта ниту од опозициската партија не кажаа дали меѓу нив има дијалог или партиските ставови се разменуваа само преку соопштенија и медиумите.

Владејачките партии СДСМ и ДУИ се на став дека избори треба да има на 5 јули, додека ВМРО-ДПМНЕ не соопштува став за датум. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.06.2020 - 08:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега